Пролет во последните секунди се избори за голем бод во Бутел!

Ракометарите на Бутел Скопје и Пролет 62 се сретнаа во натпреварот од шестото коло на македонската Суперлига, а на крајот видовме голема драма, во која гостите се изборија за бод буквално во последните секунди (22-22). 

  • Комплетниот натпревар помеѓу Бутел Скопје и Пролет 62: 

Првото полувреме понуди прилично неизвесна игра, па иако Бутел беше во добар ритам на почетокот и водеше со три гола предност, гостите успеаја да го возвратат ударот и на паузата резултатот гласеше 12-11. 

Слично започна и второто полувреме, Пролет немаше намера лесно да се откаже од шансата за добар резултат и се држеше во егал во периодот до 45. минута (15-15). Гостите зедоа минута одмор и си поделија дополнителни совети, но моментумот потоа се сврте на страна на бутелчани. 

Домашниот тим долго се трудеше да го скрши противникот, а на крајот тоа му успеа со серија од два погодока во 58. минута од мечот. Пролет успеа да постигне гол во следниот напад и потоа веднаш се одбрани, а по тајм-аутот на гостинската клупа, успеа и да израмни на 22-22, на само три секунди до крајот и се избори за важен бод на ова гостување. 

Најефикасен кај бутелчани беше Филип Николов во седум голови, додека на спротивната страна четири погодоци постигна Андреј Стојановски. Во следното коло Бутел ќе гостува кај Алкалоид, а Пролет ќе го пречека тимот на Еурофарм Пелистер 2.