Пролет се засили со поранешен ракометар на Металург

Голубовиќ

Србинот Ѓорѓе Голубовиќ се договори со Тинекс Пролет и ќе го носи дресот на македонскиот прволигаш наредната сезона.

Десниот бек потпиша соработка на една година и ќе ја пополни „дупката“ која ја остави Никола Потиќ. 29-годишникот ланската сезона ја помина во дресот на Хапоел Бер Шева во Израел.

Кариерата на Голубовиќ започнува во Партизан. Македонското првенство не е новитет за него, бидејќи во 2015 година го носеше дресот на Металург.

Српскиот ракометар доаѓа навреме за да биде дел од подготовките на тимот за новата сезона. Наскоро ќе застане во стројот на Андон Бошковски и ќе ги запознае своите нови соиграчи.

Пролет го искористи овој момент за да потврди дека нема да им понуди нов договор на браќата Филип и Александар Василевски.