• Мартин Танасковски

Екипата на Пролет се огласи по ненадејната смрт на тренерот Александар Јовиќ кој во текот на ноќта почина на 51-годишна возраст.
Во продолжение, прочитајте ја клупската објава:
„Сите сме во шок од информацијата добиена утрово, дека Јовиќ го во раните утрински часови го загубил животот, иако само неколку часа претходно ги водеше тренинзите на нашата екипа. Немаме зборови да ја опишеме загубата, не само за нашиот клуб, туку и за целокупниот македонски ракомет, врз кој Ацо Јовиќ остави длабока трага и како играч и како тренер.
Александар Јовиќ помалку од една година беше предводник на нашата прва екипа и работеше со младинските категории во тимот, секогаш импесионирајќи со желбата да се помогне на секој играч да напредува во кариерата. Имено на Јовиќ засекогаш ќе остане запишано во историјата на нашиот клуб, како синоним за беспрекорен професионалец кој живееше за ракометот. Искрено сочувство до семејството“, велат од РК Пролет.
Јовиќ почина на 51-годишна возраст, а последно работеше како тренер на македонскиот суперлигаш Пролет. Низ тренерската кариера беше асистент на Лино Червар во Металург, а самостојно го водеше и Металург 2 и Еурофарм Пелистер со кого стана шампион на Македонија.
Како играч, Јовиќ беше дел од Металург, Вардар, Пелистер, Преспа, Борец од Македонија, како и Болоња од Италија, Сплит од Хрватска, Апатин од Србија, и Слобода Тузла од БиХ.
Јовиќ беше и поранешен македонски репрезентативец како дел од генерацијата која го вивна македонскиот ракомет на европската и светската сцена.