Пролет го призна поразот, но потенцира за судиска фарса во Битола

Екипата на Пролет загуби на гостувањето кај Еурофарм Пелистер во Битола (26-17), но од таборот на гостите имаат голема замерка на арбиражата на судиската двојка Трајковски и Вукашиновски.

На официјалната интернет-страница Пролет потенцира дека поразот е очекуван и заслужен, меѓутоа не може да го сфатат катастрофалното судење и неколкуте потези на штета на нивната екипа.

„Пролет претрпе очекуван и заслужен пораз на дуелот со Еурофарм Пелистер, меч што го одбележа катастрофалната арбитража на судиската двојка Трајковски - Вукашиновски, се со цел апсолутно непотребно да се ослаби нашиот тим во финишот од меч чиј победник веќе беше решен.

Сепак, во ситуација на крајно мирен и спортски натпревар останува нејасно која беше потребата судиите да стапат на сцена во 49. минута, најпрвин да му покажат директен црвен картон на капитенот Ласко Андоновски, а веднаш потоа за приговор син картон да добие и Дејан Пецаковски, еден од најискусните ракометари во нашиот табор

Резултатот во тој момент гласеше 19-14 и победата на Еурофарм Пелистер не беше доведена во прашање, стартот на Андоновски не беше брутален за директен црвен картон, но арбитрите решија да се претворат во главни актери на теренот, на штета на Тинекс Пролет, но и на ракометот севкупно“, потенцираат од Пролет во извештајот за натпреварот.

За екипата на Пролет ова беше втор пораз во низа во плеј-офот, по оној од Охрид во претходната рунда и сега тимот има изедначен учинок - две победи и два порази.