• Иван Димовски
Ракометарите на Пролет 62 ја запишаа првата победа во плеј-офот на Суперлигата, откако во својата сала „Македонско Сонце“ го совладаа градскиот ривал Бутел со 20-18 (8-8).
- Комплетниот натпревар меѓу Пролет 62 и Бутел Скопје:
Натпреварот тргна со два гостински погодоци и подобра игра на бутелчани. Во првиот дел од средбата момците предводени од Кузманоски го имаа главниот збор и водеа, меѓутоа ниту еднаш со повеќе од два гола. Пролет пред паузата успеа да се врати, а на одмор се замина со нерешени 8-8.
Избраниците на Александар Јовиќ отворија фуриозно во второто полувреме, дадоа четири гола во низа и поведоа со највисоки 12-8. Оваа предност фигурираше на семафорот во наредниот период, а бутелчани имаа завршен налет и обид да дојдат до бодови.
Гостинот во Кисела Вода успеа да пријде најблизу на -2 (17-15), меѓутоа немаше сили да направи изненадување и целосно да го сврти резултатот. Во пресрет на последната минута со погодокот на Димов екипата на Пролет си ја обезбеди победата против ривалот од Бутел.
Најефикасни играчи на натпреварот со по шест реализации беа Александар Василевски и Ласко Андоновски од Пролет, додека кај Бутел шест погодоци даде Филип Николов.