Пролет потфрли, Еурофарм Пелистер очекувано до лесна победа

Еурофарм Пелистер ја оправда фаворитската улога и го совлада Пролет со 26-17 (12-6), во дуелот од четвртото коло. Битолчани остануваат второпласирани, зад единствената екипа со максимален учинок, Вардар 1961. 

  • Комплетниот натпревар меѓу Еурофарм Пелистер и Пролет: 

Томислав Кушан се врати во тимот по два месеци, а тренерот Бабиќ ја заврши десетдневната изолација и по три натпревари во кои Мојсов беше на клупата, сега Хрватот го презеде водењето на тимот. Битолчани почнаа одлични и брзо поведоа со 3-0. Сепак, со играта преку Аларов, Пролет фати приклучок кон средината на првиот дел. 

Цврстата битолска одбрана не дозволи голови од бековите на Пролет, па Матлиевски побара минута одмори при 9-5 во 20. минута. Финишот на првиот дел им припадна на пелистерци, па Костески и Мандалиниќ погодија во серија за 12-6, резултат со кој се замина на одмор. Во овој период одличен меѓу стативите беше и Египќанецот Карим Хендави.

Вториот дел започна како што заврши и првиот. Одбраната и Хендави ги сопреа скопјани, а во збрканата фаза од натпреварот, Кушан и Ојлески зголемија на високи +8 во 40. минута. Гостите реагираа, намалија на -5, но тогаш еден седмерец за домаќините предизвика жолчна реакција и Ласко Андоновски доби црвен, а Дејан Пецаковски и син картон, па натпреварот беше одлучен. До крајот фаворитот лесно го приведе натпреварот кон крај и славеше со 26-17.  

Најефикасни во тимот на Еурофарм Пелистер беа Мандалиниќ и Кушан со по пет гола, а кај Пролет се истакнаа Аларов со пет и Андоновски со четири погодоци. Во следното петто коло, за време на викендот, Еурофарм Пелистер му гостува на Металург, а Пролет игра со градскиот ривал Бутел.  

Ракомет – Суперлига – плеј-оф (Четврто коло)
Еурофарм Пелистер – Пролет 26-17 (12-6)

Спортска сала „Боро Чурлевски“ - Битола
Судии: Мирко Трајковски и Александар Вукашиновски (Скопје)
Црвен картон: Андоновски (Пролет)
Син картон: Пецаковски (Пролет)

Еурофарм Пелистер:
Хендави, Чаневски, Мараш 2, Ојлески 2, Маркоски, Маџовски 1, Кукуловски 2, Мандалиниќ 5, Кушан 5, Стјепановиќ, Радовиќ 2, Периќ 3, Костески 4, Кукоски, Велковски, Петровски
Седмерци: 3/3
Исклучувања: 6 минути

Пролет:
Ангелов, Цветкоски 1, Кристо, Давитковски, Аларов 5, Пецаковски 2, Јовановски, Донев, Димов 1, Андоновски 4, Василевски, Потиќ 1, Палевски 2, Пејовиќ, Фичорски 1
Седмерци: 5/2
Исклучувања: 8 минути