Пролет победи по три меча, Скопје останува најлош суперлигаш

Екипата на Пролет добро реагираше на шок-терапијата и дојде до победа над фенерџијата Скопје (34-26) во рамки на македонската ракометна Суперлига, па така ја прекина серијата од три порази.

  • Комплетниот натпревар на Пролет 62 и Скопје 2020:

Тимот кој важи за еден од фаворитите за пласман во еврокуповите непосредно пред оваа средба се раздели со стратегот Андон Бошковски. Скопје предводен од Будимир и Алтхаус повторно даде отпор како и на минатата средба со Вардар, но сега, бедемот „пукна“ многу порано и Пролет прокнижи планирани бодови.

Двата тима играа егал-натпревар од стартот, а Пролет во неколку наврати се одлепи на два гола, но Скопје се враќаше. Беше 5-3, па 7-5, потоа и 11-9, позитива од два која остана на семафорот и до паузата (15-13). Разликата вредна победа ја создадоа Аларов и Џонов кои влегоа во ритам пред 40-тата минута и на Пролет му донесоа 21-16, па можеше да се игра доста покомотно. Како што одминуваше мечот, така разликата за Пролет растеше, Скопје се откажа од борбата и на крајот се дојде до сигурен триумф.

Најдобар кај победникот беше Иван Џонов со девет гола, пред Давор Палевски со шест, а ги следеше Ѓорѓе Голубовиќ со пет гола. Кај Скопје 2020, Марио Мишевски имаше девет реализации, пред Леонид Киселовски со седум гола.