Пролет по пресврт го среди Прилеп и се врати на врвот во плеј-аутот

Ракометарите на Пролет го одбранија домашниот терен и се вратија на лидерската позиција во плеј-аутот од Суперлигата. Во последниот натпревар од осмото коло од битката за опстанок тимот од „Македонско сонце“ по пресврт го совлада жилавиот Прилеп со 23-21 и со тоа го симна Куманово од првата позиција на табелата. 

  • Комплетниот натпревар меѓу Пролет и Прилеп:

Првото полувреме од натпреварот во Скопје им припадна на прилепчани. Гостите поведоа уште од првата минута и кон средината на полувремето се одлепија на високи пет гола (5-10). Но, Прилеп не успеа да го задржи високото темпо и попушти во финишот, па Пролет се избори за подносливи два негатива на полувреме (10-12).

На стартот од вториот дел следуваше 6-0 серија за домаќините и водство од четири гола (16-12). Кризата во редовите на Прилеп траеше, па Пролет искусно го искористи тоа и стекна предност која што противникот не можеше да ја достигне. На крај домашниот тим славеше со 23-21.

Андоновски со седум и Стојановски со шест гола беа најпрецизни во таборот на Пролет, додека за Прилеп прв стрелец беше Шабановиќ со пет гола.