• Горан Упале

Ракометниот клуб Пролет ја заврши својата ера во Суперлигата. Долгогодишниот член во македонската ракометна елита ја информираше јавноста дека е приморан да се повлече од учеството во Суперлигата. Причината за тоа е што остана без генералниот спонзор Тинекс и најави дека во новата сезона ќе се натпреварува во Првата лигата.
Комплетното соопштение на РК Пролет ви го пренесуваме во целост:
„Ракометниот клуб Пролет 62 ја известува јавноста дека, поради завршувањето на договорот со нашиот долгогодишен и ценет генерален спонзор, донесовме тешка, но одговорна одлука да се повлечеме од натпреварувањето во Супер лигата за претстојната сезона.
Оваа одлука не е донесена лесно. Напротив, таа е резултат на внимателна анализа и единствено со цел да се зачува стабилноста и иднината на клубот. Веруваме дека во овој момент најодговорен чекор е да не преземаме финансиски обврски кои не би можеле целосно и навремено да ги исполниме.
РК Пролет 62 останува посветен на својата мисија – развојот на младите ракометари и продолжување на традицијата која клубот ја гради веќе 64 години. Клубот ќе продолжи да се натпреварува во Првата лига, а во наредниот период наш главен приоритет ќе биде пронаоѓање нов генерален спонзор кој ќе овозможи повторно враќање во Супер лигата и продолжување на успесите што заедно ги создававме.
Воедно, упатуваме искрена и огромна благодарност до нашиот досегашен генерален спонзор за долгогодишната доверба, поддршка и несебична посветеност, благодарение на која РК Пролет 62 со години успешно се натпреваруваше и остана дел од највисокото ниво на македонскиот ракомет. Неговиот придонес во одржувањето и развојот на клубот ќе остане трајно запишан во историјата на РК Пролет 62.
Исто така, им благодариме на сите наши навивачи, пријатели, играчи, тренери, родители, соработници и на сите кои во изминатите 64 години беа и остануваат дел од семејството на РК Пролет 62.
Многу веројатно местото на Пролет во Суперлигата ќе го пополни екипата на Струга, која што по поразот од Младост во баражот се пресели во Првата лига.
