Пролет ја доби битката за второто место и неочекувано лесно го надигра Тиквеш

Пролет целосно го надигра ривалот за висок пласман Тиквеш (24-19) и му ја прекина победничката серија во домашното првенство. Мечот се одигра во рамки од 12. коло од тековната сезона.

  • Комплетниот натпревар меѓу Пролет и Тиквеш.

Домашниот тим полесно од очекуваното прокнижи нови бодови на контото. Кавадарчани не можеа да фатат посакуван ритам, па постојано беа во негатива. На пауза се замина со резултат 13-9, а позитивата во корист на домаќинот растеше како што одминуваше натпреварот.

Второто полувреме почна исто како и првото, со гол на Михаил Аларов, по што блесна и голманот Михаљевиќ со две извонредни интервенции. Пецаковски погоди од седум метри за 15-9 по изнудениот пенал и исклучување на Џонов, а неколку минути подоцна Аларов биеше прецизно за „плус седум“ за Тинекс Пролет (18-11). Ниту новиот тајмаут на Брестовац не промени ништо од случувањата на теренот, домашните ракометари продолжија да доминираат, поведувајќи со 22-13 на девет минути до крајот. Триумфот беше осигуран, што придонесе да дојде до мало опуштање во таборот на Тинекс Пролет, па Тиквеш успеа барем малку да се приближи и овој натпревар заврши со конечни 24-19.

Михаил Аларов одново беше најефикасен кај победникот со шест гола, а доби помош од Иван Џонов кој заврши со пет реализации. Кај гостите Коцев, Хамзиќ и Лазов постигнаа по четири погодоци.

Пролет со триумфот се осамостои на второто место, зад првопласираниот Еурофарм Пелистер. Тиквеш остана сигурен на третата позиција, со оглед на високата предност пред Еурофарм Пелистер 2.