Пролет го шокира Металург на стартот на плеј-офот!

Екипата на Пролет направи подвиг и на домашен терен славеше над Металург (29-26) во првиот меч на стартот на плеј-офот од македонската ракометна Суперлига.

  • Комплетниот натпревар на Пролет 62 и Металург:

Избраниците на Матлиески одиграа перфектен натпревар, водеа од почетокот до крајот, а кај Металург се видоа големи проблеми и факт е дека тимот има многу работи да поправи ако сака да се надева на излез во Европа до крајот на оваа сезона.

Уште од стартот на натпреварот, Пролет покажа дека нема да крене бело знаме пред тимот кој во својот ростер има далеку поискусни играчи. Се дојде до водство од 6-2, кое понатаму се одржуваше. Металург цело време бркаше, ама ниеднаш не дојде во ситуација да ја загрози силно посакуваната победа на домашните. На полувреме Пролет имаше 16-12, а во вториот дел Металург најниско што успеа да спушти беше три гола негатива (26-23).

Најдобар кај победникот беше Андоновски со седум постигнати гола, а Пецаковски и Потиќ од бековските лини имаа по пет, додека кај Металург, новото засилување Калуѓеровиќ даде десет и заврши пред Хорват со четири реализации.