Пролет ги започна подготовките, Кизиќ единствено ново име

Тинекс Пролет ги стартуваше подготовките за новата сезона, за која го задржа костурот на тимот. Воедно, Тинекс Пролет не отстапува од цврстата стратегија за настап исклучиво со македонски ракометари, што ќе биде случај и во новата сезона од Суперлигата.

Засега е потпишано само едно ново засилување, голманот Никола Кизиќ кој бранеше за Струга, а претходно има настапувано и за Вардар Јуниор. Тој ќе го наследи искусниот Кимевски, кој ја заврши кариерата. Во првиот тим се прекомандувани и најперспективните ракометари од младинската школа.

Тинекс Пролет летово беше фокусиран на задржување на најдобрите ракометари, па така ја продолжи соработката со капитенот Ласко Андоновски, кој одби неколку понуди од Македонија и странство за да остане во Пролет. Нови договори се потпишани и со браќата Филип и Александар Василевски. Иако Александар поради тешка повреда на коленото ќе се врати на почетокот од 2020 година, останува во Пролет.

Исто така, во завршна фаза се преговорите за ангажман на нови ракометари кои дополнително би ја засилиле екипата. Покрај Кимевски, Пролет летово го напуштија и Јовчевски, Трајковски и Мартин Манасков.