Пролет долго парираше, но Вардар победи и е на чекор од двојната круна!

Ракометарите на Вардар не планираат да ја загубат титулата во Суперлигата на Македонија и сега се на чекор до целта, откако во претпоследното коло победија на гости кај Тинекс Пролет со 22-28 (11-14). За волја на вистината „црвено-црните“ добро се измачија во овој натпревар, против силно мотивиран домаќин и средба која долго беше неизвесна. 

  • Комплетниот натпревар меѓу Пролет и Вардар: 

Пролет отвори со два голови во мрежата на Ристовски и поведе (2-0), но следеше инстантна реакција на Вардар кој врати со три погодоци. Се играше изедначено, домаќинот парираше и не дозволуваше гостите да се одлепат, а највисоката предност момците на Алушовски ја стекнаа пред паузата од четири голови (9-13). „Зелените“ пак не се откажаа и на пауза заминаа со активни 11-14. 

Вториот дел стартува со исто темпо, Пролет фати резултатски приклучок и пријде на гол заостанок (15-16). Десетина минути се играше гол за гол, ама домашните ракометари не успеваа да дојдат до егал, иако неколку пати приоѓаа на минус еден. 

Сепак, Вардар како поискусен и поквалитетен ривал знаеше кога треба да притисне, во пресрет на завршните десет минути го крена интензитетот во одбраната и се одлепи на највисоки +5. Во завршните минути, Пролет и последен пат се обиде да се врати ама немаше сили против освојувачот на Купот и тим кој чекори кон двојна круна. 

Иван Чупиќ по којзнае кој пат беше најдобар поединец на Вардар, а и на натпреварот со осум погодоци на своето конто. Одличен натпревар одигра и Гоце Георгиевски кој постигна седум голови, а кај Пролет со пет погодици најдобар беше Михаил Аларов.