Пролет без никакви шанси, Еурофарм ги потврди второто место и СЕХА лигата

Екипата на Еурофарм Работник го потврди својот историскиот успех, втората позиција во домашниот шампионат и пласманот во регионалната СЕХА лига. 

Битолскиот тим, по поразот од шампионот Вардар, експресно им се врати на победите во плеј-офот на Суперлигата, откако на гости со сигурни 16-30 (7-15) беше совладан тимот на Пролет 62. Избраниците на Стевче Алушовски одиграа уште еден квалитетен натпревар, крунисан со подвижна и цврста одбрана и брз и атрактивен напад, па убедливиот пораз за Пролет беше неизбежен. 

  • Целосниот натпревар меѓу Пролет 62 и Еурофарм Работник:

Домаќинот шанса за надигрување доби само во почетните минути, откако Андоновски и Манасков го следеа чекорот на Еурофарм, но кон средината на првиот дел Кузмановски со два врзани гола зголеми на 4-7, за потоа Ѓукиќ и Радовиќ да погодат за убедливи 4-9. Матлиевски се реши со едноминутен одмор да ги консолидира своите редови, но наместо тоа, предноста на гостите растеше, која на полувреме застана на највисоки +8 (7-15).

Ниту во вториот дел работите на теренот не се променија. Еурофарм продолжи со доминацијата, а Ѓукиќ со нов гол погодок од крило донесе двоцифрена предност за битолчани од 11-21. Атрактивната игра на „фармацевтите“ кулминираше во 50. минута кога двете крила Ојлески и Ѓукиќ изведоа супер-цепелин од контра напад, за предност на својот тим од 14 гола разлика (13-27), позитива со која заврши и мечот (16-30).

Ѓукуќ со девет, и Ојлески и Радовиќ со по пет гола беа најпрецизни во редовите на победничката екипа, додека кај Пролет се истакна Андоновски со шест погодоци. 

Во последното коло, кое на програмата е в среда, Еурофарм Работник пред својата публика ќе го пречека тимот на Бутел, додека Пролет гостува кај Пелистер.