Продолжува во Данска: Наташа Нолевска потпиша за Ринкобинг

Македонската репрезентативка Наташа Нолевска и следната сезона ќе игра во Данска. По една сезона во поранешниот европски првак Виборг, Нолевска продолжува во тимот на Ринкобинг, со кој потпиша договор на две сезони. Ринкобинг оваа сезона не успеа да обезбеди пласман во плеј-офот, но за следната сезона клубот има високи амбиции, а првото засилување е македонската репрезентативка.

„Дали клубот е мал или голем не е толку важно. Поважни се средината, тимот, тимскиот дух и хемијата во него. Јас ќе имам многу можности за развој во Ринкобинг. Тоа е клуб кој нуди добра средина за развој на млади играчи, добар тренинг, клуб со високи амбиции за следната сезона. Едвај чекам да бидам дел од тимот и да му помогнам во остварувањето на целите“, изјави Нолевска.

Пред да се пресели во Данска, каде со Виборг играше во полуфиналето од плеј-офот и во ЕХФ Купот, Нолевска беше дел и од Вардар Јуниор, со кој пак има искуство од настапите во Челинџ Купот. Таа е стандардна репрезентативка на Македонија во сениорска конкуренција, а ги помина и сите младински селекции.