Продолжува „мртвата трка“ во Бундес: Кил не му го дава врвот на Магдебург

Ракометарите на Кил во 32. коло славеа победа на гостувањето кај Бергишер со 29-26 и повторно за два бода „му побегнаа“ на Магдебург во трката за шампионската титула. Кил ја имаше фаворитската улога, но потешко од очекувањата стигна до важниот триумф. 

Домашниот состав беше дури и за мала нијанса подобар противник во првото полувреме. Бергишер неколку пати беше во водство од два гола разлика, но Кил не им дозволи на домаќините на направат некоја поголема серија и на полувремето фаворитот имаше негатива од еден гол (14-13). 

Во вториот дел работите почнаа полека да доаѓаат под контрола на Кил. Домагој Дувњак и Сандер Сагосен со неколку голови во серија успеаја да го свртат резултатот во полза на гостите, а во 45. минута предноста на Кил изнесуваше убедливи шест разлика. Четирикратниот европски шампион рутински го приведе натпреварот кон победа од 29-26 и сега има 55 бода на првата позиција во Бундеслигата. Кил може да ја загуби титулата само од Магдебург, кој е втор со два бода помалку, а до крајот остануваат уште две кола. 

Најефикасен кај победничкиот тим на Кил беше Домагој Дувњак со пет погодоци, додека кај Бергишер прво име беше Германецот Шолтес, кој исто така забележа пет погодоци. 

Екипата на Вецлар на нашиот Филип Миркуловски забележа пораз на домашен терен од Мелсунген со 25-27, но на две кола до крајот опстанокот е веќе обезбеден и не стравува за прпволигашкиот статус и во следната сезона. Ова беше втор пораз во низа за Вецлар кој има 17 бода и се наоѓа на 16. место на табелата. Филип Кузмановски не настапи, бидејќи подолго време ќе отсуствува од терените поради повреда на лигаментите.