• Зоран Мишевски
Заедно со Словенија и Црна Гора, нашата земја успешно организираше голем ракометен проект. Дојдовме до крајот на патувањето наречено - Европско првенство, исполнето со високо квалитетен ракомет и возбудливи моменти во духот на мотото на турнирот „Играј со срце“.
Претседателот на ЕХФ, Михаел Видерер на церемонијата на затворање на првенството, уште еднаш оддаде признание за напорната работа на трите федерации коорганизатори и вложените напори во насока на овозможување на успешен настан.
„Уште еднаш, би сакале искрено да се заблагодариме на Европската Ракометна Федерација, Претседателот Видерер и извршните членови на ЕХФ за довербата дадена на Ракометната федерација на Македонија за коорганизација на ваков голем спортски настан, можеби најголемиот до сега организиран во нашата држава“, стои во соопштението на Ракометната федерација на Македонија.
На церемонијата за затворањето, нашиот претседател, Живко Мукаетов и првиот потпретседател на ЕХФ, Предраг Бошковиќ ја имаа честа да ги доделат сребрените медали на тимот од Данска.
„Во име на Ракометната федерација на Македонија (РФМ) би сакале да им честитаме на сите шеснаесет земји учеснички на турнирот и да им посакаме уште поголем успех во иднина. За крај, би сакале да упатиме искрена благодарност до сите инволвирани во овој потфат“, завршува во обраќањето до јавноста нашата федерација.
Следна голема цел е Македонија да се јави во улога на организатор на Европско првенство во машка конкуренција.