• Горан Упале

Еурофарм Пелистер ја доби драмата против Вардар и го освои првиот овосезонски ракометен трофеј. Пелистерци триумфираа во Суперкупот на Македонија, во спектаклот во Кавадарци со две навивачки групи.
„Чкембарите“ на едната и „Комитите“ на другата страна го збогатија дуелот на „вечните“ во салата „Јасмин“ и од првата до последната минута ги бодреа своите миленици. Но, на трибините имало и два инциденти, по што еден битолчанец е приведен, а се трага по другиот, соопшти МВР.
„Приведен навивач за агресивно однесување на ракометен натпревар, следува пријава и за организаторот согласно Законот за спречување на насилство и недостојно однесување на спортски натпревари
На трети септември во 20:15 часот, полициски службеници од ОВР Кавадарци го привеле А.Р.(24) од Битола затоа што во спортската сала „Јасмин“ во Кавадарци, за време на одигрување на ракометен натпревар помеѓу екипите на РК Вардар од Скопје и РК Еурофарм Пелистер од Битола, недолично и агресивно се однесувал кон играчите на РК Вардар.
По документирање на настанот против А.Р. ќе биде поднесена соодветна пријава.Исто така, се преземаат мерки за утврдување на идентитетот на навивач од Битола, кој по завршување на натпреварот запалил пиротехничко средство во салата. Додека, против организаторот ќе биде поднесена пријава согласно Закон за спречување на насилство и недостојно однесување на спортски натпревари“, стои во објавата на МВР.
Пелистерци до победата стигнаа во последните секунди, кога Хосни погоди за конечни 28-27.


