• Зоран Мишевски
Прилеп од 29 август до 1 септември ќе биде домаќин на деветтиот Меморијален меѓународен ракометен турнир „Миле Нешкоски“. Турнирот се одржува во спомен на прерано починатиот ракометар и тренер.
За претставување на се она што ќе се случува на турнирот, денес во хотелот „Атлас“ во Прилеп се одржа прес-конференција, на која на јавноста се обратија Рубинчо Седлоски како претседател на Организацискиот одбор, Никола Чадамов како претставник на компанијата Комфи ангел и на РК Прилеп, како и д-р Борче Јовчески, градоначалник на Прилеп.
Освен домаќинот Прилеп, ќе настапат уште четири македонски екипи: Охрид, Еурофарм Пелистер 2, Тиквеш и Куманово. Единствениот странски претставник ќе биде екипата на Врање од Србија.
Охрид и Куманово ќе го одиграат првиот натпревар на турнирот, а на првиот ден ќе играат уште и пелагониските ривали, Прилеп и Еурофарм Пелистер 2.
Бидејќи влезот е слободен, а на паркетот се докажани со квалитет тимови, се очекува многу публика во салата од СОУ „Ристе Ристески – Ричко“. По повод турнирот, најавено е доаѓање и на Борко Ристовски, министерот за спорт.