• Мартин Танасковски

Екипата на Прилеп на домашен терен забележа важна победа над Пролет 62 (27-24) со која ја прекина низата на порази која броеше четири неуспеси во серија во Суперлигата.
- Комплетниот натпревар меѓу Прилеп и Пролет 62:
Пролет во овој натпревар влезе со повисоки амбиции, меѓутоа евидентна е кризата во тимот, иако пред едно коло беше променет стратегот Андон Бошковски. Тимот од Скопје со овој пораз од Прилеп дојде до бројката од четири порази во последните пет кола.
Натпреварот на двата суперлигаши во Прилеп почна изедначено. Беше 6-6 на семафорот, а потоа домаќинот почна да влегува во мини-серии и да гради резултат. Избраниците на Горан Кузманоски со два гола во низа дојдоа до 8-6, потоа беше и 12-7, за на паузата да имаат позитива од 14-8. Пролет потоа константно бркаше, ама не се закани сериозно дека може да го избегне поразот. Најблиску што гостинот од Скопје успеа да дојде до прилепчани беше на два гола негатива, во самиот финиш (24-22, па 25-23).
Најдобар кај победникот беше Реваз Чантурија со шест гола, пред Александар Тренчевски и Владимир Трајкоски со по четири реализации, додека кај Пролет, Давор Палевски имаше шест, а Ѓорѓе Голубовиќ заврши со пет гола.
За Прилеп ова беше петта победа по 14 одиграни кола во македонскиот ракомет и тимот е деветти на табелата. Пролет, пак, го забележа шестиот неуспех и се наоѓа на шестото место.