Прилеп со победа над Струга го започна Меморијалниот турнир „Миле Нешкоски“

Ракометарите на Прилеп ја совладаа екипата на Струга со 28-24 на првиот ден од Меморијалниот турнир „Миле Нешкоски“. 

Стружани на почетокот на натпреварот имаа водство во два наврати, а потоа скоро сѐ беше во знакот на домашниот тим. Прилеп бргу го сврте резултатот во своја полза и почна да го полни гостинскиот гол, а на полувремето екипите заминаа со резултат 17-10. 

Во второто полувреме прилепчани уште повеќе го засилија темпото и продолжија со „решетањето“ на гостинскиот гол. Највисоката предност ја имаа во 43. минута (23-14), но до крајот на мечот се препуштија на рутинска игра која им дозволи на стружани да го ублажат поразот, за конечен резултат од 28-24 во корист на Прилеп. 

На турнирот „Миле Нешкоски“ учество земаа осум екипи кои се поделени во две групи. Актуелен бранител на трофејот е српската екипа Дубочица од Лесковац.