Прилеп потпиша договори со четворица талентирани младинци

Ракометниот клуб Прилеп е во завршна фаза од подготовките за пролетниот дел од сезоната во Суперлигата, во која ќе се бори за опстанок во мак-елитата.

За таа цел тимот предводен од Горан Кузманоски своите редови ги засили со неколку искусни играчи, но клубот од под Марковите Кули дефинитивно мисли на својата иднина. Денес, четворица талентирани ракометари од школата потпишаа професионални договори со македонскиот суперлигаш. 

Станува збор за Сашко Манчески, Никола Стојкоски, Лео Дамчески и Стефан Лозаноски, кои, како што велат од редовите на клубот, претставуваат иднина на прилепскиот и македонскиот ракомет.

Со ова уште еднаш се потврдува дека Прилеп им дава голема шанса на младите кои во иднина треба да бидат предводници на овој тим.