• Иван Димовски

Ракометарите на Пролет забележаа уште една победа во новата сезона во Суперлигата, откако пред својата публика славеа во драматичниот натпревар против тимот на Прилеп (30-25).
- Комплетниот натпревар меѓу Пролет 62 и Прилеп:
Средбата тргна со игра гол за гол, израмнето и без ниту еден тим да се наметне од стартот. Првпат до поосетна предност дојдоа скопјани. Пролет успеа да поведе со три гола (9-6), најавувајќи како би можел да тече натпреварот. До полувремето прилепчани беа во подредена улога и само парираа, а на одмор се замина со 17-13.
Веќе во вториот дел момците на Мојсов успеаја да се консолидираат и се вратија во натпреварот. Со добар влез во полувремето, Прилеп успеа да ја стопи предноста на домаќинот, па за десетина минути се врати целосно резултатски. Гостинот дојде до егал (19-19), што беше знак за интересен и драматичен финиш. Сепак, во клучните моменти домаќинот покажа карактер и смиреност и со подобра игра во двата правци на крај славеше сигурна победа од пет гола разлика.
Палевски со пет гола и Пецаковски, Арсеновски, Димоковски и Андоновски со по четири гола беа најдобри за Пролет, додека за Прилеп прв стрелец беше Кастратовиќ со пет гола.