Прилеп подобро финишираше и ги освои бодовите против Мулти Есенс

Во дуелот на две екипи кои веројатно ќе играат во плеј-аутот, Прилеп го совлада Мулти Есенс пред своите гледачи со 33-30 (12-15), во рамките на 12. коло на групата Б на Суперлигата, Ова е своевиден реванш за поразот во „Автокоманда“ пред два месеци.

  • Комплетниот натпревар меѓу Прилеп и Мулти Есенс: 

Половина полувреме се играше израмнето и гол за гол, а потоа Димовски и Јорданов ја започнаа серијата на гостите. Индивидуалниот квалитет ги одлепи скопјани и на одмор се замина со 12-15 за Мулти Есенс.

Прилеп подобро го почна вториот дел, Шабановиќ даде неколку гола, а и одбраната на екипата на Божидар Мојсов стана поагресивна. На средина од вториот дел резултатот гласеше 19-20, со голема неизвесност околу победникот. Во тој момент прилепската одбрана и неизнудените грешки на младиот тим на Иван Марковски ја направија разликата. Прилеп врза серија 6-2 и ја презеде предноста. Кастратовиќ и Рајатоски беа незадржливи и тимот на Прилеп без драма го доби израмнетиот дуел со 33-30.

Најефикасни во прилепскиот тим беа Кастратовиќ со седум и Шабановиќ со шест гола, а кај Мулти Есенс се издвоија Димовски, Димевски и Илиески со по седум погодоци.