Прилеп не реализира напад за реми, Тиквеш останува на врвот во плеј-аутот

Тиквеш останува на врвот во плеј-аутот, откако на домашен терен по голема драма славеше над Прилеп (29-28) и ја запиша шестата победа по седум одиграни средби во рамки на вториот дел од Суперлигата.

  • Комплетниот натпревар меѓу Тиквеш и Прилеп:

Дуелот меѓу двата тима во плеј-аутот ни понуди голема борба и беше крајно изедначен, а за малку домашните не направија од готово-вересија. Тиквеш ја држеше контролата на мечот под своја капа, водството беше повеќе на негова страна, на крајот имаше „плус два“ (28-26), но...

Тимот на Горан Кузманоски во клучните моменти одигра добро во одбраната, преку Рустамов и Чантурија се врати и дојде на еден гол негатива (29-28), ама не реализира напад за реми во последните седум секунди, плус не го погоди ниту ударот од место на Гавашелишвили.

Кај домашните одличен беше Јанчев со осум гола, пред Смиљаниќ со седум, а кај прилепчани не помогнаа десетте гола на Рустамов, кој беше прв стрелец пред Тренчевски и Трајкоски со по пет реализации.

Тиквеш по седум одиграни натпревари има шест победи и еден пораз, додека Прилеп на контото има три порази и четири победи и се наоѓа во средината на табелата.