• Зоран Мишевски
Толку беа разочарани нашите ракометари по мечот и поразот од Полска, што скоро сите заминаа веднаш во соблекувалната. Немања Прибак и во зборовите и во ликот покажа дека испуштена е голема шанса да се освојат првите бодови на шампионатот.
„На крајот се одлучивме за проверена акција која многу пати сме ја извеле на тренинг. Беше добро, но едноставно не помина. Инаку сметам дека одигравме одличен меч, најдобар наш меч, но ни недостигаше тој еден детаљ во текот на сите 60 минути за да останеме непоразени. Не знам кој е тој детаљ, дали можеби промашените зицери, мојата статива, шансите во првиот дел од контранапади, но едноставно жалам затоа што бевме многу блиску“, вели Прибак.
Македонија може и да одигра нерешено со Србија и да се квалификува за наредната групна фаза, а секој пораз нè враќа дома со пласман од 12. до 16. место.