Прибак: Домашниот терен е нивна предност, но нека биде како во Вараждин и Белград

Немања Прибак на мечот со Франција

Само малку ракометари во нашиот тим играа и беа директни протагонисти во победите над Полска во 2009 и 2012 година. Останатите се мотивираат гледајќи ги тие натпревари, исто како и навивачите. Немања Прибак ја потенцира предноста на домашниот терен, но и психолошкиот момент со нашата поволна традиција, кога играме со Полска.  

„Полските ракометари играат на домапен терен, а тоа е голема предност. Од кога гледам ракомет, од 1992 година, домашните екипи имаат голема предност. Публиката дава енергија, одбраната е „напалена“, голманите бранат подобро. Полска има таков тим што секогаш очекувам нешто големо од нив. Моите соиграчи ги победуваа во Вараждин и Белград, па нека биде така и тука во Краков“, дециден беше ракометарот на Бешикташ.

За Прибак ова е второ европско првенство во дресот на македонската репрезентација, откако дебитираше пред две години во Данска, кога Македонија ја мина првата групна фаза, каде за противници ги имаше Данска, Австрија и Чешка.