Претседателот на Киелце типува: Ќе бидеме пред Вардар во ЛШ!

Македонскиот ракометен првак Вардар и полски Киелце ќе водат жестока битка за второто место во групната фаза, кое носи и полесен ривал во нокаут-рундата. 

До крајот на групната фаза има четири кола, а првото место е речиси загарантирано за Барселона. Првиот човек на Киелце, Бертус Сервас, смета дека неговиот тим има сила да ги победи сите четири меча кои преостануваат, додека за Вардар вели дека дури и да се има ист број на бодови, Киелце е во предност поради подобриот меѓусебен скор.

„Ако победиме три од последните четири меча во групата, ние го имаме третоот место. Првиот меч со Кристијанштад во новата година ќе биде многу важен. Ако победиме таму, следните два меча се дома, со Монпелје и Веспрем. Потоа следи гостување во Германија кај Рајн Некар Левен, против кого знам дека можеме да победиме. Седум бода во овие дуели сигурно ќе ни го дадат второто место, затоа што Вардар ќе треба да ги победи сите мечеви. Ние имаме подобар меѓусебен скор со нив. Мислам дека тимовите што ќе бидат на првите три места во групата, ќе имаат добра шанса за Ф4. Секако, нема да биде лесно затоа што и другите тимови си имаат амбиции. Но, ние можеме да дојдеме до второто место“, вели Сервас.

Возбудувањата во ЛШ продолжуваат во февруари, по крајот на Светското првенство (СП). Вардар по десет кола во елитата има 13 бода, додека Киелце е место подолу со 12 бода, исто колку и Рајн Некар Левен и Веспрем.