Пред 25 години дебитиравме со Романија како аутсајдери, сега сме апсолутни фаворити

Токму Романија е првиот противник на македонската репрезентација во нашата историја. На 15 декември 1993 во Орадеа нашиот национален тим загуби од Романија со 22-24 на Купот на Карпати, чиј организатор беше Романскиот ракометен сојуз.

Првиот погодок беше дело на левиот бек, Томе Петрески, со класичен скок-шут од девет метри.

„Секако дека се сеќавам на првиот гол. Не затоа што беше прв, или што беше нешто посебен, класичен скок-шут од девет метри, туку затоа што по натпреварот моите соиграчи побараа од мене да ги честам за првиот гол“, се присеќа Томче Петрески, стрелец на историскиот прв гол за ракометната репрезентација на Македонија.

25 години подоцна Македонија со многу поинаква улога и вредност во ракометна Европа и светот гостува во Клуж. Предноста од осум разлика од првиот дуел остава комоција за нешто помирен дуел, но Раул и избраниците апелираат дека во Романија дојдоа по втора победа.