„ППД Загреб не влезе во ЛШ затоа што Вардар беше исфрлен“

Ракометарите на ППД Загреб и во сезоната 2022/23 ќе играат во Лигата на шампионите на ЕХФ. Со одлуката на Европската ракометна федерација, која стапи на сила од понеделникот, на 27 јуни, познати се сите учесници на најелитното клупско натпреварување во Европа, кои како и досега ќе бидат поделени во две групи од по осум екипи.

По добивањето на поканата за учество во елитата, директорот на хрватскиот шампион Ведран Шупуковиќ истакна дека е среќен на оваа одлука на ЕХФ и потенцира дека ППД Загреб нема никаква врска со исфрлањето на Вардар од Лигата на шампионите.

„Клупскиот национален коефициент на Хрватска во моментов е десетти во Европа и соодветно на тоа моравме да аплицираме за покана. Требаше да бидат прифатени шест покани, но поради исфрлањето на Вардар 1961 таа бројка се искачи на седум.

Овде сакам да појаснам нешто за луѓето да разберат. Загреб не го доби местото во Лигата на шампионите затоа што Вардар 1961 беше исфрлен. Нашиот статус нема врска со нивната ситуација. Исто така, сакам да истакнам дека  ППД Загреб беше трет во евалуацијата на ЕХФ од тринаесетте екипи кои се пријавија на поканата“, рече Шупуковиќ. 

ЕХФ пред една седмица ја шокираше ракометната јавност со одлуката да го исфрли македонскиот шампион од ракометната елита на стариот континент.