• Горан Упале

Македонскиот ракомет ќе остане без еден од своите најпрепознатливи суперлигаши. РК Пролет официјално соопшти дека се повлекува од настапите во Суперлигата и во новата сезона ќе се натпреварува во Првата лига.
Причината за ваквата одлука е заминувањето на генералниот спонзор „Тинекс“, поради што клубот повеќе не е во можност да обезбеди услови за настап во македонската ракометна елита. Со тоа завршува една долга ера на Пролет во Суперлигата, каде скопскиот тим со години беше стандарден суперлигаш.
Според нашите информации најсериозен кандидат да го пополни испразнетото место е екипата на Струга. Стружани минатата сезона испаднаа од Суперлигата, откако во бараж-дуелот беа поразени од Младост Богданци, но сега би можеле експресно да се вратат меѓу најдобрите благодарение на повлекувањето на Пролет.
Се очекува во наредните денови Ракометната федерација на Македонија да донесе конечна одлука околу пополнувањето на испразнетото место во Суперлигата за сезоната 2026/27.

