Познати составите: Митревски се врати во тимот за дуелот со Црна Гора!

Репрезентацијата на Македонија ќе го одигра својот втор натпревар на ракометното Европско првенство, откако во првото коло загуби од Словенија (27-25). Сега, следен ривал е Црна Гора која очекувано капитулираше против Данците на стартот. 

Македонија важи за фаворит на оваа средба, а доби и дополнително засилување. Искусниот голман Никола Митревски се најде во официјалниот протокол и се очекува да застане меѓу стативите против Црногорците. Можеби Томовски одново ќе добие предност од првата минута, ама Митревски веројатно е во добра форма и исто така ќе брани.

Во однос на првиот дуел со Словенците, освен кам-бекот на Митревски, во официјалниот состав го нема и селекторот Кирил Лазаров. Бомбардерот несреќно се повреди пред првиот дуел во групата и ќе го пропушти Европското првенство, па очекувано не е во протоколот. 

Од друга страна голем плус за Црна Гора е враќањето на Стефан Чавор од Вецлар кој имаше коронавирус, а во составот е и Небојша Симовиќ. Од комбинација за настап отпаднаа Стеван Вујовиќ и Милош Божовиќ, додека негативниот тест на селекторот Рогановиќ ќе се чека до последен момент.