Повторно ќе игра во ЛШ: Јована Саздовска пред потпис со Турингер

Левото крило на македонската репрезентација и доскорешна ракометарка на Вардар, Јована Саздовска, најверојатно ќе потпише едногодишен договор со германскиот шампион Турингер и во претстојната сезона ќе биде дел од Лигата на шампионите.

Иако трансферот уште не е официјализиран од страна на германскиот тим, Саздовска веќе настапуваше на пријателски натпревари во претсезоната. Таа би требало да биде втора македонска интернационалка во Бундеслигата, откако Симона Стојковска претходно стави потпис на договорот со Некарсулмер.

Ова би бил втор интернационален предизвик за Саздовска, која една полусезона настапуваше за романската Магура Чиснадие, додека на домашна сцена, освен дресот на Вардар, го носеше и дресот на Металург. 

Во Лигата на шампионите, Турингер се наоѓа во група со Крим на Сара Ристовска, европскиот шампион Ѓер и еден квалификант, кој може да биде романска Крајова, каде настапува Елена Ѓорѓиевска, па лесно може да се случи во оваа група да има многу македонски двобои.