• Саше Љолес
Иако во изминатиот период се појавија шпекулации за можно заминување, Роберто Гарсија Парондо и понатаму останува дел од плановите на Мелсунген, а сè помалку се зборува за негов трансфер во ПСЖ ова лето.
Спортскиот директор на германскиот клуб, Јеспер Ларсон, истакна дека во клубот и понатаму сериозно сметаат на шпанскиот тренер и за следната сезона. Според него, Мелсунген не добил никакви сигнали ниту од други клубови, ниту од самиот Парондо, кои би укажувале на можен раскин на соработката.
Во клубот тој сè уште се гледа како клучна фигура на спортскиот проект и човек што ќе го води тимот во Лигата на шампионите.
Мелсунген зад себе има историска сезона во која го освои трофејот во Европската лига - еден од најголемите успеси во историјата на клубот. Со тоа обезбеди и прво учество во Лигата на шампионите, па раководството сака стабилност и континуитет без промени на тренерската позиција пред дебитантскиот настап во елитното европско натпреварување.
