Потврда дека Пелистер ја има најверната публика во ЛШ: 99,3% посета во „Боро Чурлевски“!

Еурофарм Пелистер зад себе ја остави најуспешната сезона во Лигата на шампионите. Битолчани на своето конто запишаа осум бода, стекнати со три победи и две ремија, но и тоа не беше доволно за историски пласман во осминафиналето. 

„Зелено-белите“ на секој домашен, а и на повеќето гостување имаше поддршка од својата верна публика. Салата „Боро Чурлевски“ беше пекол за секој противник во групата, а ЕХФ објави податок со кој се докажува дека Еурофарм Пелистер ја има најдобрата и најверната публика во Европа.

На социјалните мрежи на ЕХФ беа објавени неколку фотографии од атмосферата во битолската публика, со натпис – „99,3% просечна посетеност. Најдобрите фанови во Лигата на шампионите?“.

Пелистерци откако не обезбедија пласман во осминафиналето во Лигата на шампионите, сега своите мисли ги насочуваат кон домашните трофеи и битките во Купот на Македонија и плеј-офот од Суперлигата.