Поставени темелите на договор, в четврток РК Пелистер ќе биде продаден на компанијата Еурофарм!

Како никогаш досега една седница на Советот на Општина Битола донесе огромен интерес, преполна сала, заинтересирани граѓани, а во текот на целиот ден се бара информација повеќе како ќе изгледа ракометната иднина на градот кој живее за овој спорт.

Првичните вибрации се позитивни. По дискусијата на советниците, во која се вклучија и претставници на навивачката група „Чкембари“, само мали детали се разликуваат од понудата на купувачот на акциите на РК Пелистер и се предвидува дека по заклучоците, компанијата Еурофарм ќе се согласи на записникот од седницата кој ќе донесе поставување на точка на дневниот ред на седницата в четврток.

Имено, според деталите Општина Битола ќе остане акционер во двата ракометни клуба од Битола со по 25%, а мнозинскиот пакет ќе го има фармацевтската компанија Еурофарм, која ќе раководи со клубовите. Исто така, ракометните клубови ќе бидат приоритетни клиенти на спортската сала „Боро Чурлевска“, која е во сопственот на Општината, со тоа и на акционерот во клубови, па нема да плаќаат надомест.

Последните дилеми се околу бојата на дресовите (меѓу сино-бела и зелено-бела) и името на новиот клуб кое е предвидено да биде Еурофарм Пелистер. На денешната седница не присуствуваше градоначалничката на Општина Битола, Наташа Петровска, но се очекува да се појави в четврток кога ако работите одат по планот, акциите на РК Пелистер ќе бидат продадени на компанијата Еурофарм.