Порто и Митревски се вратија од „минус девет“ за голем триумф над Целје!

Ракометарите на Порто ја запишаа втората победа во групната фаза на Лигата на шампионите. Португалците се радуваа во големата драма против Целје и славеа со 29-30 (16-9). Она што е најинтересно е фактот дека словенечкиот тим во второто полувреме имаше девет гола предност, меѓутоа гостинот ги „стопи“ и дојде до голем триумф. 

Целје се наметна од стартот, бргу дојде на висока позитива која во првиот дел достигна осум гола, а на одмор се замина со 16-9. На стартот на продолжението Словенците ја имаа највисоката предност од девет гола, ама тогаш на сцена стапија гостите. Со голема решителност, Митревски и соиграчите почнаа да ја топат предноста, клучната серија ја имаа по 25-17 со шест гола во низа (25-23), за потоа да триумфираат во егал завршница. 

Најефикасен играч на мечот беше Јанц со девет гола, додека Бранкињо со шест и Итуриза со пет го водеа Порто. Никола Митревски пак собра четири интервенции од девет вкупни удари, бранејќи во вториот дел и за време на пресвртот. 

Во овој термин се одигра и мечот во кој ГОГ Гудме ја совлада Висла во Плок со 26-30.