Порт даде 11 гола, европскиот првак Монпелје бронзен на Супер Глоб

Францускиот ракометен тим Монпелје го освои третото место на Супер Глоб турнирот во Доха откако со 33-23 (14-9) беше подобар од катарски Ал Сад.

Големиот фаворит ја оправда улогата и уште од стартот на мечот даде до знаење дека само триумф им е во мислите. Комотна разлика од пет гола се создаде по првите 30 минути игра, а во вториот, само се потврди разликата во квалитет.

Одличен беше Валентин Порт, кој даде 11 гола од 11 обида. Второ име во таборот на Монпелје беше Диего Симонет со пет гола. Кај Ал Сад, Амир Новрадин Денгуир даде осум гола.

На Супер Глоб турнирот петтото место му припадна на Таубате од Бразил кој со 34-24 беше подобар од Хамамет, додека седмото место е за Ал Наџма која со 28-26 беше подобра од Универзитет Сиднеј.

Во мечот за трофеј се среќават европските гиганти Барселона и Фуксе Берлин (18:00 часот).