• Мартин Танасковски
Екипата на Гумерсбах го одбрани домашниот терен и забележа победа над Мелсунген (29-26) во рамки на првиот натпревар од плејофот од осминафиналето во Европската лига на ЕХФ.
Бундеслигашката пресметка беше возбудлива, доста израмнета, а со исчекор и една серија од два гола, Гумерсбах успеа да победи пред домашната публика над тимот предводен од поранешниот вардаров тренер Роберто Гарсија Парондо.
Шлуроф беше прво име на мечот со десет гола, пред Милош Вујовиќ со четири реализации, додека кај Мелсунген, Даинис Кристопанс имаше седум, а Баруфет погоди вкупно шест пати во мрежата на ривалот.
Во вториот меч, швајцарски Криенс убедливо славеше над Лимож од Франција (36-29) и гледа кон следната фаза на Европската лига. Швајцарскиот репрезентативец Сигрист имаше МВП-натпревар со единаесет гола, додека кај францускиот тим, Монтеиро и Турченко погодија по пет пати, а екс-пелистерецот Кушан даде четири гола.