Пораз за Митревски и Порто од Веспрем, Барса и ПСЖ сигурни во ЛШ

Ракометарите на Веспрем се радуваа на победа на гостувањето кај незгодниот Порто од 23-30 (10-16) во четвртото коло од Лигата на шампионите. Португалскиот тим во кој настапува македонскиот голман Никола Митревски немаше сили за подвиг и го положи оружјето пред унгарскиот гигант. 

Веспрем тргна фуриозно од самиот старт, поведе со 6-1 и најави дека оди на победа. Унгарците ја одржуваа предноста во текот на првиот дел, а во продолжението Порто се врати најблизу до три гола дефицит, но сепак загуби. Македонскиот репрезентативен голман блескаше и запиша четиринаесет одбрани.

Убедлива и лесна победа запиша Барселона на домашен паркет против Динамо Букурешт од 36-32 (19-14). Шпанците тргнаа мирно, па полека но сигурно си го трасираа патот до победата. Уште во првиот дел Барса поведе со високи седум гола, а иако Романците се обидоа да изненадат не успеаја во тоа.

Дика Мем имаше свое шоу и постигна 12 погодоци, додека Гомез Абељо го следеше со седум. Кај Романците, Гионеа даде седум гола.

Сличен тек имаше и  дуелот меѓу ПСЖ и Мотор Запорожје, кој заврши со победа на домаќинот од 40-32 (19-14). Украинците парираа во првото полувреме, се играше гол за гол до средината ама потоа парижани се одлепија. Избраниците на Раул Гонзалес рутински и на искуство го надиграа ривалот и стигнаа до нови бодови. 

Артем Козакевич со седум гола беше најдобар на овој меч, додека кај домаќинот Микел Хансен даде шест, а по пет дадоа Сипрак и Ремили.