Пораз по „стар рецепт“: Еурофарм одново неуспешен во трилер-меч против Загреб

Последниот домашен предизвик во дебитантската сезона во СЕХА лигата за Еурофарм Работник донесе пораз против ППД Загреб (27-28). Ова е петти неуспех во низа за македонскиот вицепрвак, кој одлично ја започна сезона и победи на првите три натпревари во регионалната лига.

  • Извештај од натпреварот:

Првите неколку минути им припаднаа на гостите, кои најавија што ќе се случува во остатокот од полувремето. Веселин Вујовиќ перфектно ја подготви својата екипа која одигра фантастично во одбраната и ги користеше сите грешки на противникот. Капитенот на гостите Златко Хорват постигна два седмерци во низа, по агресивните фаули на Маџовски и Марковски, и донесе прва чувствителна предност за својот тим.

Проблемите во нападот на „фармацевтите“ беа очигледни, а истите беа предизвикани од подвижната и цврста дефанзива на загрепчани. Единствена светла точка кај домаќинот беше крилото Милан Ѓукиќ, кој беше најрасположен и најголем „виновник“ за одржување на резултатската неизвесност. Српскиот интернационалец погоди пет од шест обиди и заедно со Хорват беше најефикасен на теренот по првите 30 минути.

  • Играч на натпреварот: 

Еурофарм Работник имаше неколку шанси целосно да се врати во игра. Но, Јотиќ промаши, а потоа на лошиот период се надоврза и Остроушко, најдобриот стрелец на битолчани. Хрватскиот шампион подобро го затвори првиот дел за да замине во соблекувална со солидна и највисока предност од 12-16.

Домаќинот започна поактивно во второто полувреме и на момент ја врати вербата кај публиката. Нервозата стана дел од играта, па тоа донесе енергија и кај навивачите, кои непрекинато ја бодреа својата екипа. Градимир Чаневски погоди од гол на гол и ја искористи ризичната игра на Вујовиќ, за да намали на еден гол негатива на 15 минути до крајот, што предизвика минута пауза повикана од редовите на гостинот од Загреб.

По кој знае кој пат сезонава, битолскиот клуб одигра драматичен финиш. Остроушко се разигра кога беше најпотребно и реализира неколку напади во низа. Но, ниту неговите голови не беа доволни за да се избегне петтиот неуспех во низа во СЕХА лигата за Еурофарм. 

Хорват со десет погодоци, од кои шест од седум метри, беше најефикасен кај победничката екипа. Во домашниот тим се истакнаа Остроушко со седум и Ѓукиќ со пет реализации.