
Поранешниот репрезентативец на Словенија и поранешен член на Вардар, Матјаж Брумен во следната сезона ќе игра во словенечката Втора лига. Тој потпиша едногодишен договор со тимот на Бутан Плин Изола и по една сезона во Нексе се враќа во татковината.
Десното крило Брумен потекнува од составот на Пруле, со кој играше во Лигата на шампионите и таму остана четири сезони, пред да се пресели во Целје, каде мина исто толку сезони. Најдолго време се задржа во Копер, шест години, а со овој тим го освои Челинџ Купот во 2011 година.
Потоа дојде во Вардар и во Скопје се задржа три сезони, а беше еден од најдобрите играчи на „црвено-црниот“ тим во ерата на Раул Гонзалез. Две години играше за Горење Велење, пред да замине една полусезона во Нексе Нашице.
35-годишниот Брумен веројатно полека се подготвува за крај на богатата кариера, во која има 131 настап и 358 голови за репрезентацијата на Словенија, па затоа се реши за трансфер во второлигашка екипа.