Поранешниот пелистерец: Освоивме бронзен медал – за инат!

Хрватската ракометна репрезентација го заокружи Европското првенство со освоен бронзен медал, откако во натпреварот за третото место славеше против Исланд со 34:33. Избраниците на Дагур Сигурдсон дојдоа до втора последователна голема медала, бидејќи минатата година Хрватска беше вицешампион на Светското првенство.

По натпреварот, без влакна на јазикот зборуваше Матео Мараш, кој уште еднаш јавно ја критикуваше организацијата на турнирот. Хрватска беше единствената селекција која во завршницата не беше сместена во Хернинг, а дополнително имаше и ден помалку за одмор поради лошо скроениот распоред.

„Не можеше без драма. Ова е бронза за лошо организираното првенство и за организаторите. За нив, за инат, освоивме медал“, порача Мараш.

Изјавата на хрватскиот репрезентативец ја заокружи успешната приказна на Хрватска на шампионатот, но воедно повторно го отвори прашањето за условите и организацијата на големите ракометни натпреварувања.