• Горан Упале

Поранешниот ракометар на Еурофарм Пелистер, Марин Вегар, не планира да менува средина во блиска иднина, затоа што го продолжи договорот со екипата на Констанца.
Босанскиот лев бек и специјалист за игра во одбрана, по заминувањето од Битола се реши да се врати во романскиот ракомет и со Констанца потпиша договор до јуни 2022 година. Но, како што информираат од редовите на романскиот клуб, соработката со Вегар е продолжена и искусниот ракометар ќе остане во клубот уште најмалку две сезони, што значи до јуни 2024 година.
Вегар две сезони ги бранеше боите на Еурофарм Пелистер, но поради честите повреди не успеа да се наметне кај Жељко Бабиќ и по завршувањето на ланската сезона се раздели со „зелено-белите“.