Поранешна репрезентативка на Франција ќе игра за ЖРК Пелистер!

Еден од женските клубови кој е најактивен ова лето е ЖРК Пелистер од Битола. По две сезони без место во евро-куповите, „зелено-белите“ сакаат враќање во борба за врвот и затоа бараат засилувања и надвор од нашите граници. По два домашни потписи, тимот на Кире Митревски се наоѓа пред ангажман на поранешна француска репрезентативка.

Французинката Мари Франсуа доаѓа во ЖРК Пелистер од Трухтершајм. Таа има 28 години, игра на позицијата среден бек, а најдобрите денови ги мина играјќи за Дижон, Ница и Шамбре. Пред осум години настапи на Европското првенство во дресот на француската репрезентација, на дуелите против Унгарија и Хрватска. Таа е девојка на францускиот ракометар, Руди Сери, кој од оваа сезона го носи дресот на Еурофарм Пелистер.

ЖРК Пелистер претходно ги доведе левиот бек од Деспина, Сања Цветкоска и левото крило од Феникс АМС, Сара Илиевска.

По осмото место во Женската лига минатата сезона, пелистерки сега имаат далеку поголеми амбиции. ЖРК Пелистер во новата сезона ќе се натпреварува во групата А заедно со екипите на ЖРК Куманово, ЖРК Вардар, ЖРК Чаир, Шампион, Гевгелија, Спартак и Скопје.