• Мартин Танасковски
Ренарс Ушчинс, еден од најбараните ракометари во Европа, во летото 2027 година ќе го напушти Хановер-Бургдорф и ќе се пресели во ПСЖ, пренесува германскиот „Билд“.
Германскиот репрезентативец во последните сезони се издигна во една од најголемите ѕвезди на Бундеслигата и беше клучен фактор Хановер од просечен тим да стане сериозен кандидат за врвот на табелата. Минатата сезона Ушчинс го предводеше клубот во борбата за титулата речиси до самиот крај, со што дополнително ја зголеми својата вредност на европскиот пазар.
Според германските медиуми, Хановер веќе започнал потрага по негова замена, а меѓу главните кандидати се споменуваат двајца хрватски репрезентативци, тоа се поранешниот ракометар на Еурофарм Пелистер Матео Мараш и Иван Мартиновиќ. Мараш моментално настапува токму за ПСЖ и неговиот статус би можел да се промени со доаѓањето на Ушчинс, додека Мартиновиќ е капитен на хрватската репрезентација и член на Веспрем.
Во Хановер се надеваат дека со ослободувањето на големиот буџет за плати ќе успеат дополнително да го засилат тимот и да останат конкурентни во германскиот шампионат. Германските медиуми дури шпекулираат и со можноста Хановер да формира хрватска десна бековска линија.