Поповски: Очекувам да играме брзо и со многу ротации

По денешниот прв тренинг на африканско тло, македонската ракометна репрезентација има неколку часа за тактичка подготовка на натпреварот против Шведска. Тешко е до детаљ да се скаутира противникот, бидејќи Шведска за првпат ќе игра во вака шаренолик состав, а и ние нема да бидеме налик на Европското првенство во Виена минатиот јануари.

Крилото на Амичитија Цирих, Мартин Поповски очекува брза игра и малку поинаков ракомет од нашиот вообичаен стил во минатото. 

„Конечно ја добивме толку очекуваната вест. До последен миг ја чекавме. Работевме десет дена, се подготвувавме како да одиме на Светско првенство. Имавме чувство дека ќе добиеме покана. Доста е подмадена нашата репрезентација. Очекувам да прикажеме брза игра, со доста ротации во играта. Допрва претстои анализа на сите противници, поединечно“, вели Мартин Поповски. 

Ремито во Ниш пред девет години е наш единствен позитивен резултат во дуелите со четирикратниот светски шампион.