Поповски: Не ги читаме критиките, тука сме дојдени да играме ракомет

Ракометната селекција на Македонија ја очекува дуел со домаќинот Австрија кој ќе биде одлучувачки дали ќе продолжат во следната фаза на Европското првенство, кое освен во оваа земја се игра и во Германија и Шведска. По воведната минимална победа над Украина, следуваше пораз од Чешка вчера, па победа е императив за пласман во главната рунда.

<<< ПОВРЗАНО - Мишевски: Ја имавме победата против Чешка, но тоа е минато – сега мислиме само на Австрија

На денешниот брифинг, зборуваше крилниот играч Мартин Поповски. Според него мора да го надминат неуспехот, бидејќи ќе се води вистинска борба со Австрија. Иако немаат ѕвезди од типот на Лазаров, имаат квалитетни поединци. 

„Мора да ја заборавиме Чешка, утре ќе биде многу важно како ќе го отвориме натпреварот. Победа е приоритет за нас, но многу фактори ќе влијаат. Сепак притисокот на овој меч е на нив како домаќини. Ги познаваме добро, имаме гледано нивни натпревари, тие имаат одлични бекови. Австријците немаат играчи од топ класа, како што е Лазаров, но имаат квалитетни поединци на секоја позиција“,

<<< ПОВРЗАНО - Брестовац: Вината е моја, ја преземам одговорноста за секој потег

Играчот на Тинекс Пролет нагласи дека на утрешниот дуел нема простор за опуштање и пад во играта како што беше случај со Украина и Чешка.

„На вакви натпревари мора да ја подобриме реализацијата. Не смееме да си дозволиме падови како со Чешка, бидејќи ќе платиме висока цена. Се надеваме дека тие црни периоди се зад нас и можеби Австрија ќе има таков период утре“.

Поранешниот европски првак со Вардар смета дека групата иако навидум беше лесна, всушност беше изедначена. Тој смета дека Австрија е покомпатибилен противник за нас и се надева на победа. 

„Во оваа група сите сме изедначени, една Украина и вчера и со нас покажа дека е тежок противник. Знаевме дека ќе има тешки дуели, а за утрешната средба фаворит е Австрија. Доколку ги споредам Австрија и Чешка, мислам дека следниот противник повеќе ни одговара. Два фактори се битни, улогата на фаворит е кај нив, но и нивната конституција на играчи е покомпатибилна за нас. Со победа од два или повеќе разлика ќе се пласираме понатаму пренесувајќи два бодови“

На крајот тој се осврна и на критиките во македонската спортска јавност, за што изјави дека тоа не допира до нив. 

 „Не ги читаме критиките, тој сегмент е многу лош. Тоа зборува за позицијата во општеството, но ние сме дојдени да играме ракомет“, заврши крилото.

Утрешниот натпревар во „Штадхале“ почнува од 18:15 часот, а се очекува вистински спектакл. Австрија е домаќин, но посетеноста на нашите дуели беше огромна, па утре се предвидува вистинки ракометен празник.