Поповиќ: Металург пишува нова голема приказна, веруваме во успешна сезона! 

Со видно изменет состав, екипата на Металург ги стартуваше подготовките за новата сезона, во која по подолго време им се враќаат на обврските во Суперлигата. Со Дамир Стојановиќ како нов шеф на стручниот штаб и со спој на искуство и младост, тимот од Автокоманда во новата сезона ќе цели кон враќање на второто место во домашниот шампионат, кое минатата сезона им беше преземено од Еурофарм Работник. 

Еден од новајлиите, Милан Поповиќ, не го криеше своето задоволство од новата средина. Вели дека беше одлично прифатен во тимот, верува во успешна сезона, а за турнирот во Чехово, жали што истиот не беше затворен со победа над Стеауа. 

„Тука сум одлично прифатен и речиси да не се чувствува тоа што во тимот сум само еден месец. Во Чехово одигравме три натпревари против силни екипи, а сите најмногу жалиме што истиот не го завршивме со победа. Против Стеауа имавме голема шанса за триумф, но штета што не стигнавме до успех. Сепак, ова е фаза на запознавање и прилагодувања, но напредокот од меч во меч беше видлив и тоа радува. Ја темпираме формата и се надеваме дека ќе бидеме најдобри кога е најпотребно. Металург пишува нова голема приказна, спојот на искуството и младоста веруваме дека ќе ни донесе резултати на крајот од сезоната“, за Gol.mk изјави црногорскиот репрезентативец. 

Металург, новата сезона на Суперлигата ќе ја стартува со „братскиот“ дуел против Металург 2, а подготовките ќе ги заврши со настап на уште еден силен турнир во Кањижа од 22 до 25 август.