Полуфиналето на дофат, Македонија пресилна за Азeрбејџан на ЕХФ-шампионатот

По минималниот пораз од домаќинот, женската кадетска ракометна репрезентација на Македонија ја забележа втората победа на ЕХФ-шампионатот кој се игра во Италија.

Ако против Италија и Белорусија нашите надежи до 19 години до самиот крај на мечовите се бореа за победа, денес на рутински и убедлив начин додадоа нови два бода на своето конто. 

Со седум гола разлика беше поразена селекцијата на Азербејџан 30-23 (16-10), а ривалот речиси во ниту еден момент не беше достоен противник за македонскиот национален тим. Во нашиот табор блескаше голманката Симона Грујовска, со 17 одбрани и практично ги остави без шанса младите Азербејџанки. 

Солидна беше и втората голманка Трајковски со седум интервенции, а кај стрелците најрасположена беше Костовиќ со пет гола, која патем беше избрана и за МВП на натпреварот. 

До крајот на групната фаза на Македонија ѝ преостанува уште еден натпревар против Полска, дуел кој на програмата е утре. Со евентуална победа нашите девојки многу веројатно ќе се изборат за полуфинале на овој турнир, што секако е голем успех за нашиот женски ракомет.